Обраќање на Генералниот Секретар на НСП Орце Коцевски во врска со протестот на ден 16.11.2019г.

Почитувани вработени во Полицијата, Шумската полиција, Затворската полиција и Судската полиција,

Кога повторно ќе се навратам пред три и пол години го гледам оној чуден поглед на вработените во наведените институции кога некој ќе им спомне Синдикат и нивното неверување дека постои некој кој навистина има за цел да биде нивен претставник а не само „кредитно биро“. Тежок беше периодот додека вработените сватија дека НСП како Синдикат е решен да истрае во оваа борба која во едно мое обраќање ветив дека заедно со Претседателот Гоце ќе ја водам до последниот свој атом се до конечна победа и враќање на Достоинството и сите изгубени права. Поразот или неостварувањето на било кое ветување ќе беше најголем срам за мене како Генерален Секретар на НСП и такво нешто од овој момент на добивање на Вашата доверба за мене не е прифатливо.

Довербата за жал во изминативе години е изгубена поради оние кои во секое нивно соопштение откако сватија колкава е сериозноста на НСП милуваат да се нарекуваат „единствени репрезентативни“ а од репрезентативност знаат само да се напијат добро репрезентативно вино. Легитимитетот кој им го даваат законските прописи во изминатиот период го употребија само за едно а тоа драги мои е ВЛОШУВАЊЕ НА УСЛОВИТЕ ЗА РАБОТА НА ПОЛИЦИСКИОТ СЛУЖБЕНИК, тешко поправлива штета која нам во изминатиот период ќе ни биде предизвик да ја поправиме.

Ние како НСП имаме една вистинска замисла, ПОЛИЦИЈАТА да биде институција над институциите. Институција во која сите ќе бидат ценети и задоволни од својот работодавец, институција која ќе не почитува како нејзини претставници и најважно од се институција која е должна да го врати изгубеното во минатото а тоа е ДОСТОИНСТВОТО, департизирана и деполитизирана па од тука ќе си земам за право да упатам апел од сите Вас, до Министрите и ќе Ве замолам да достоите на даденото ветување при Вашето назначување дека овие цели кои се совпаѓаат со целите на НСП ќе ги остварите и ќе наметнете еден нов принцип кој ќе значи враќање на довербата на граѓаните кон Полицијата а воедно и враќање на Достоинството на полицискиот службеник. Сите институции под Ваша надлежност неколку пати си земав за право да Ве замолам и да инсистирам до Вас при донесување на кадровските одлуки да се внимава професионалците да не бидат во никој случај казнети само поради политичката припадност туку заштитени, заеднички да ги отстраниме сите можни закани и сомнежи на сите оние кои професионално си ја извршувале функцијата, ниту еден вработен да не се дозволи да биде изложен на политичкиот елитизам, време е вработените и припадниците на МВР да бидат ценети од аспект на професионализмот а не политичката припадност. Секој кој ја вршел и ја врши својата функција чесно и достоинствено од наша страна Ви ветувам ќе се трудиме да биде заштитен и повеќе никогаш да не се дозволи никој ама баш никој да гази по животот и мирот на институцијата Полицаец. Ваквиот гест господа Министри за нас ќе беше доволен доказ дека Вашата намера е искрена и реална а за сите останати доказ дека веќе сме на патот кон Европска Македонија.

 Независниот Синдикат на Полицијата станува сериозна институција и тоа мора така да го сватат како сегашните така и секои идни Министри, директори или непосредни раководители. Тоа што ние како припадници на Министерството во идниот период ќе го бараме од Вас е одраз на нашето залагање да ја вратиме честа не само на институцијата која ја претставуваме туку и честа на нашите семејства за ПОДОБАР ЖИВОТ. Воедно како и што многупати Ви реков при нашата прва средба во МВР така и сега ќе Ви кажам нашето работење ќе помине по следната агенда: БОРБА ДО ОСТВАРУВАЊЕ НА СИТЕ ПРАВА КОИ ВО ИЗМИНАТИОТ ПЕРИОД ГИ ЗАЦРТАВМЕ а се надевавме дека во соработка со нашиот работодавач набрзо ќе почнеме да ги остваруваме.

Почитувани членови, КОЛЕГИ, почитувани вработени во Полицијата, Шумската полиција, Затворската полиција и Судстката полиција. Пред нас е историски момент за ВТОР пат во ПОЛИЦИЈАТА, да се искажува ваков РЕВОЛТ, ваков вид на ПРОТЕСТ. Најнапред Ви се обраќам на сите со цел сите заедно МАСОВНО да излеземе на ПРОТЕСТОТ и да дадете својот придонес во остварувањето на правата пред се за ДОСТОИНСТВЕН ЖИВОТ. Со Вашето присуство и дадена подршка ќе бидеме на чекор пред остварувањето на нашите и Ваши барања за подобри услови за живот и работа. Од Вас зависи дали СЕГА или после некое „идно време“ условите ќе се подобрат или не.

Ајде ЗАЕДНИЧКИ ДА ИЗЛЕЗЕМЕ и да побараме:

• Признавање на НСП како РЕПРЕЗЕНТАТИВЕН СИНДИКАТ ВО МВР,
• НОВ КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР во МВР и Шумска полиција,
• Подобри услови и права за ПОДОБАР ЖИВОТ,
• ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО во МВР,
• СТОП за пресметка со СИНДИКАЛНИТЕ ПРЕСТАВНИЦИ НА НСП,
• СТОП за НЕЗАКОНСКИТЕ ПРЕРАСПОРЕДУВАЊА,
• Покачување на ПЛАТИТЕ ЗА 25% во Полицијата, Шумската полиција, Затворската полиција и Судската полиција.

 Затоа на ден 16.11.2019 година ИЗЛЕЗИ и дај допринос во БОРБАТА ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА ПОДОБРИ УСЛОВИ И ПРАВА.
Немаме друг избор, ИЗЛЕЗИ И ИЗБОРИ СЕ ЗА ПОДОБРИ УСЛОВИ И ПОДОБАР ЖИВОТ и запомни само едно:

 Затоа заедно да излеземе на 16.11.2019 година и да кажеме ДОСТА Е: Од потпросечни плати во Полицијата, Од стари и крпени униформи и опрема задолжени пред 15 и повеќе години, Од понижувачки и мизерни услови за работа, Од секојдневна пресметка со неистомисленици и ПРОФЕСИОНАЛЦИ, Од секојдневни незаконски прераспоредувања, Од невладеење на правото во Министерствата, Од давање лажни слики во Министерствата дека тече „мед и млеко“, Од важење на Колективен договор кој веќе две и пол години е ИСТЕЧЕН, Од изнаоѓање на 1000 причини само да не се даде репрезентативност.

Затоа почитувани вработени, колеги, браќа и сестри Ве повикувам масовно со Вашите сопруги/сопрузи и деца на 16.11.2019 година да излезете и сите заедно да кажеме ПРОТЕСТИРАМ за:

• Конечно да добијам УНИФОРМА,
• Конечно да добијам достоинствена ПЛАТА,
• За струја и вода во сите полициски станици,
• За соодветна заштита при работа,
• За ПРОФЕСИОНАЛЦИТЕ конечно да бидат вреднувани,
• Зошто не чекам друг да ми ги реши проблемите,
• За враќање на ДОСТОИНСТОВОТО во наведените институции,
• За нов модерен и ЕВРОПСКИ Колективен договор во Полицијата и Шумската полиција,
• Затоа што освен нас, се работи за нашите деца,
• Да не дозволиме да ги изгубиме нашите деца да заминат во странство.

 Сакам од тука да им пратам силна порака како до Министрите така и до нивните подредени началници и командири. ПРЕСТАНЕТЕ со притисоците кои секојдневно ги правите према вработените каде барате неизлегување на протестот. Престанете со „измислување“ и планирање на денот на протестот измислени обезбедувања, технички денови за чистење на оружје, ангажирање на ПЕП итн. Една ден ќе се срамите за сето ова што го правите. Дозволете вработените мирно и достоинствено да го искажат својот револт. И тие сакаат да имаат „живот“ како Вас.

Вам почитувани вработени Ви порачувам и Ве охрабрувам да запомните: Веќе не зависи од НАС, од Вас зависи!

Не ПОДЛЕГНУВАЈТЕ НА ПРИТИСОЦИ И ЗАКАНИ од НИКОГО.
Вие заслужувате ДОСТОИНСТВЕН ЖИВОТ!
ИЗБОРЕТЕ СЕ ЗА ТОА!

Со почит,
Генерален Секретар на НСП
Орце Коцевски