Протестен марш на НСП: Министерот Спасовски да го почитува Законот за работни односи во врска со репрезентативноста на НСП

Независниот синдикат на полицијата денеска со околу 60 – тина возила организираше синдикален марш, почнувајќи од пред зградата на МРТВ до Владата, каде што беше изразено незадоволство, па се до Министерството за внатрешни работи на кој побаравме да се почитува Законот за работни односи во врска со репрезентативноста на синдикатот во кој членуваат над 20 проценти  од вработените.

Пред зградата на МВР, претседателот на Независниот синдикат на полицијата, Гоце Делчев Тодев, побара најбрзо што може да се подготви решение и да се издаде документ со кој синдикатот ќе функционира согласно законот и ќе бидат вклучени во социјалниот дијалог.

Тој меѓу другото побара од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да не го фаворизира полицискиот синдикат во рамки на ССМ, затоа што, подвлече, му даваат лажна слика за состојбите во полицијата.

– Во МВР во моментот, и наназад 20 години, раководи еден центар, не министерот, а тоа ние сме должни да му го пренесеме на министерот, затоа што нема да дозволиме да продолжи хаосот во МВР, изјави Претседателот Тодев.

Независниот синдикат на полицијата, нагласи Марјан Ристески, претседател на Конфедерација на независни синдикални организации во Македонија, покажа како се бранат работничките права.

– Да не се фаворизира полицискиот синдикат во ССМ. Која влада и да дојде само го менуваат дресот, а остануваат истите луѓе да ги застапуваат правата на работниците, а видовме како. Во Македонија мора да профункционира нормален социјален дијалог. Сервилен синдикат не смее да има, бидејќи работат на штета на државата, а народот знае да казнува на избори, рече Ристески.

На новинарско прашања кои се следните чекори доколку не бидат исполнети нивните барања, Ристески информира дека членството масовно ќе се организира и ќе се донесе одлука за понатамошните чекори.

„ДОСТОИНСТВОТО ВО ПОЛИЦИЈАТА ЌЕ СЕ ВРАТИ“

„Само кренат глас ќе се слушне, само крената глава гледа сонце!„

Ајде заеднички да се избориме за тоа!