Независниот Синдикат на Полицијата денес 21.04.2017 година пред канцеларијата на НСП (лоцирана на 2кат од ГТЦ во Скопје) со почеток во 12.00 часот одржи прес на тема: Статусот на 400 приправници генерација 2015/2016 кои сеуште немаат решен статус и добиени решенија согласно договорот за вработување.

Имено согласно Јавниот оглас објавен на ден 20.10.2014 година, Министерството за Внатрешни Работи со 400 кандидати за полицаец склучи договор за основна обука за полицаец. Основната обука за полицаец беше извршена во период од една година сметано од 04.03.2015 година до 03.03.2016 година. По успешното завршување на основната обука за полицаец за наведените кандидати, Центарот за обука на МВР на ден 03.03.2016 година им издаде потврда за успешно завршување на основната обука за полицаец. Врз основа на решението за избор на обучени кандидати за полицаец со работниците Министерот за внатрешни работи склучи ДОГОВОР ЗА ВРАБОТУВАЊЕ каде работникот заснова работен однос како ПОЛИЦАЕЦ-Приправник на неопределено време сметано од 20.05.2016 година. Во договорот во точката 3 е наведено дека „Приправничкиот стаж на полицаецот-приправник трае 6 месеци, заради оспособување за самостојно вршење на работите од работното место утврдено со Правилникот за систематизација на работните места во БЈБ“. Во истиот овој договор во точка 6 алинеа 1 е наведено дека:
– „Работникот по положувањето на испитот за приправници да го распореди на работно место полицаец“.

По истекот на приправничкиот стаж од 6 месеци испитната комисија за полагање приправнички испит согласно членот 82 од Законот за внатрешни работи и член 35 од Колективниот договор на МВР на работниците кои успешно го положија приправничкиот испит им издаде УВЕРЕНИЕ за положен приправнички испит во месец Декември 2016 година.

Бараме од Министерот за внатрешни работи ВЕДНАШ сите работници кои го положија испитот за приправници да бидат распоредени на работното место полицаец.